Климатски осврт: Подинамична зима пред нас со епизоди на дожд и снежни денови

Според сезонската прогноза, средната зимска температура ќе биде над повеќегодишниот просек за околу +1°C. Во пониските предели, како Скопје и Штип, се очекуваат средни зимски температури од 1–4°C (нормални вредности: Скопје 1,1–2,4°C, Штип 1,6–3,1°C), додека во планинските подрачја, како Маврово, средната температура ќе биде од 0 до –3°C (нормална вредност –2 до –0,4°C). Бројот на мразни денови ќе изнесува 30–55 во низините и 60–75 на планините, додека ледените денови ќе бидат релативно ретки во низините (5–15), но почести на планините (25–40). Студени бранови со температури околу или под нормалните се најверојатни кон крајот на декември до средината на јануари, како и кон крајот на февруари, но без сигнали за долготрајни или екстремни зимски студови.

Сезонските врнежи се очекуваат во рамките на повеќегодишниот просек, со регионална и временска варијабилност:

Место      Јан (mm)   Фев (mm)   Мар (mm)   Дек (mm)
Скопје        34    30    35    46
Штип        29    27    35    41
Гевгелија        70    57    63    88
Маврово     102 102   96  125

 

Врнежите ќе бидат регионално и временски нерамномерно распределени, при што снегот ќе биде концентриран во планинските делови, особено во западна и северна Македонија (Шар Планина, Бистра/Маврово, Баба, Јакупица). Во пониските котлини снежната покривка ќе биде повремена и нестабилна, со чести премини меѓу дожд и снег. Атмосферскиот притисок ќе покаже изразена под-сезонска варијабилност. Првата половина од зимата ќе биде карактеризирана со наизменични високопритисочни гребени и нископритисочни системи, додека во втората половина се очекува помала динамика и постепен тренд на бавно опаѓање на притисокот кон крајот на март. Во стабилните антициклонални периоди, особено во котлините, ќе се создаваат услови за температурни инверзии, магла и застој на воздухот, што ќе доведе до значително влошување на квалитетот на воздухот и можни епизоди со високи концентрации на аерозагадувачки материи, особено во Скопската, Полошката и Струмичката котлина.

Од хидролошки аспект, не се очекуваат драматични сценарија, но постои умерен ризик од локални поплави, особено при интензивни врнежи комбинирани со топење на снегот, најверојатно кон крајот на февруари и во март. Моделските проценки на индексот за потенцијал на поплави (FPI) укажуваат на генерално низок до умерен ризик, со зголемена чувствителност во западните и југозападните сливови и по должината на поголемите реки.

Секторските импакти најверојатно ќе бидат изразени во:

  • Енергетскиот сектор, поради варијабилна побарувачка и ризик од мраз и влажен снег;
  • Транспортот, поради снежни блокади, голомразица, одрони на планинските превои и лавини;
  • Здравството, поради студени периоди и епизоди со поголемо загадување на воздухот;
  • Водостопанството и земјоделството, поради променливи хидролошки услови, ризик од мраз и свлечишта.

Во целина, зимата 2025–2026 ќе биде потопла од просекот, динамична и со изразени краткотрајни зимски настани, при што главните ризици произлегуваат од временската променливост, кратките интензивни врнежни епизоди, снежните бури во планините и епизодите со многу лош квалитет на воздухот во котлините. Навременото следење на ажурираните прогнози и координацијата меѓу институциите се клучни за минимизирање на потенцијалните штети.

Комплетниот Билтен за зимата 2025-26 година во Македонија, може да се преземе овде.

Автори: д-р Владо Спиридонов и д-р Ивица Милевски







Занимливости