ВЛАДО СПИРИДОНОВ, ДОКТОР ПО МЕТЕОРОЛОГИЈА: Од овој петок растат условите за невреме во Македонија – Многу топло до 25 јули

Сезонските проценки на Европскиот центар за среднорочна прогноза на времето укажуаат за повисоки температури на воздухот во Југоисточна Европа и Македонија за околу 2 ºС за тримесечниот период јули-август-септември 2024, во однос на 24-годишниот климатски период 1993-2016 се остваруваат – вели за „Слободен печат“ Владо Спиридонов, редовен професор на ПМФ-Скопје.

Но се остваруваат и навестувањата за зачестена појава на топлотни бранови, сушни периоди и појава на временски непогоди во екот на забрзаните климатски промени. Глобалното затоплување е реалност. Професорот вели дека првото заладување може да го очекуваме од петок, но ќе биде минимално, а многу топло време нè очекува до следниот четврток, за кога се најавени грмотевици и невреме.

Подрачјето на Југоисточна Европа се наоѓа под влијание на многу топла воздушна маса како резултат на многу висок воздушен притисок (В) антициклон, со центар во северозапдните делови од Африканскиот континент. Во услови на изострен барички гребен (геопотенцијално поле на висина) кое е позиционирано од југозапад кон североисток над нашиот регион и Македонија, во југоисточно и јужно струење на висина се врши постојан прилив на многу топол суптропски воздух. Овој постојан прилив на топлина во текот на првата седмица од јули придонесе за постепено зголемување на температурите и формирање на трет најинтензивен топлотен бран ова лето. Негативните последици од третиот актуелен интензивен топлотен бран со екстремни температури на воздухот, ги почуствуваа сите граѓани, посебно повозрасните, хроничните болни, изнемоштените лица, оние кои работат во поле, на отворено и лица почуствителни на екстремна топлина – вели Сппиридонов.

Највисоки температури на воздухот се регистрирани по долината на реката Вардар, во реонот на Д. Капија и Гевгелија каде што надминаа 40 ºС, скопското урбано подрачје каде што се регистрирани тропски ноќи (минималната температура надминува 20 ºС), Полог и Пелагонија.

 Овој изразен топлотен бран, кој веќе егзистира околу две седмици, се одрази и на појавата на изразен сушен период и дефицит на врнежи. Во услови на сува атмосфера и екстремно високи температури, покрај опасноста по здравјето на луѓето, штетите во однос на земјоделието, зголемена потрошувачка на водни ресурси и енергија, се јави опасноста од појава и распламтување шумски пожари, посебно во југоисточните делови од Македонија околу планинската област Серта. Овде би напоменале дека од страна на експерти од ПМФ и ФИНКИ развиен е систем за прогноза на ширење на пожари во Македонија. Истата, со мала адаптација би можеле да ја користат надлежните институции – вели Спиридонов.

Тој објаснува дека според среднорочните прогнози оваа екстремна топлина ќе се задржи до четврток 18 јули, кога се можни првите влијанија на промената на временската состојба посебно во западните и северозападните планински делови, каде што е можно дестабилизирање на атмосферата.

-Како резултат на постепената модификација на оваа многу топла воздушна маса, во услови на многу загреан приземен слој на атмосферата, приливот на поладен воздух и блага деформација на геопотенцијалното поле на висина ќе се создадат услови за дестабилизирање на атмосферата, кое најизразено ќе биде во сабота кога се можни временски непогоди. Значи во периодот од 19-22 јули, нестабилни атмосферски услови со развој на грмотевични облаци, молњи и поројни врнежи. Локално процесите ќе бидат интензивни со појава на невреме (силни ненадејни удари на ветер, интензивни врнежи, појава на град). Во овој период ќе настапи благо попуштање на оваа екстремна топлина. Во вторник и среда 23 и 24 јули преодно стабилизрање на времето и повторно многу високи температури, до четврток 25 јули, кога е можно поголемо дестабилизрање со повторни грмотевици – вели Спиридонов.

Интервју направено од страна на Владо Спиридонов, редовен професор на ПМФ за Slobodenpecat.mk

 







Занимливости