НЕДЕЛНА МЕТЕО АНАЛИЗА ЗА ПЕРИОДОТ ОД 20 ДО 27 ЈАНУАРИ: Натпросечно топло, но и со помалку врнежи од вообичаеното!
Во текот на следната седмица, односно во периодот од 20 до 27 јануари, и тоа барем според моменталните изгледи и излези на Европскиот модел (ECMWF), ќе имаме многу постабилно време со натпросечно високи температури на воздухот, и тие ќе бидат повисоки од просечните за овој период од годината за 3 до 6 степени. Исто така, и врнежите ќе бидат потпросечни, иако во вторник и во среда, на 21 и на 22 јануари ќе имаме услови за локални послаби врнежи од дожд, додека на планините со надморска височина од над 1300, 1400 метри ќе има слаби врнежи од снег.
Ќе биде претежно тивко. Но мора да напоменам дека по котлините ќе се зголемат условите за појава на магла и на ниска облачност, која ќе биде најгуста во ноќните и во утринските часови, па така во овие котлини ќе имаме и пониски максимални дневни температури на воздухот.
И во Скопје и околината ќе имаме претежно стабилно време во периодот од 20 до 27 јануари, но во вторник и во среда ќе има услови за послаби локални врнежи од дожд, а на околните планини ќе има услови за провејување на снег. Ќе биде претежно тивко, а во пониските предели од котлината ќе се зголемат условите за појава на магла и на ниска облачност, која ќе биде најгуста во ноќните и во утринските часови.
Што се однесува до температурите, тие наутро исто така ќе бидат во пораст и ќе се спуштаат во интервалот од -2 до 5 степени, само во почетокот на следната седмица сеуште тие во делови од Македонија, односно особено во Беровскиот регион ќе се спуштаат под -5 степени, односно близу -10 степени.
Максималните дневни температури насекаде ќе бидат над нулата и ќе се искачуваат во интервалот од 5 до 14 степени, но како што напоменав пониски дневни температури ќе има на местата со магла и со ниска облачност. Во Скопје наутро температурата ќе се спушта во интервалот помеѓу -4 и 3 степени, а преку денот таа ќе се искачува во интервалот помеѓу 5 и 9 степени.
Може ќе ве интересира
Занимливости
Полека од север кон нашата Македонија пробива влажниот и ладен воздух, кој понатаму ќе условува кај нас врнежи од дожд, снег, северен ветер, како и зголемување и проширување на снежната покривка. На картата можете да ги погледнете измерените температури во овие рани утрински часови низ нашата Република Македонија.