Климатските промени се глобален, регионален и национален безбедносен предизвик – време е за превенција наместо реакција
Денеска, на иницијатива на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во Кабинетот се одржа дебата на тема:„Климатски промени – ризици и предизвици“, модерирана од проф. д-р Владо Спиридонов, во својство на член на Советот за безбедност.
Во воведното обраќање, претседателката предупреди дека климатските промени ги засилуваат постојните економски, социјални и безбедносни ризици.
Според неа, време е за премин од реактивно кон превентивно дејствување, преку рано предупредување, координaција, соработка меѓу институциите и интегрирани политики.
За неа, енергетската транзиција и намалувањето на зависноста од фосилни горива се клучни, но тие мора да се спроведуваат на начин што нема да ја наруши стабилноста и одржливиот развој.
Покрај претседателката, поздрави обраќања имаа и дoц. д-р Теодора Обрадовиќ-Грнчаровска – МЖСПП, национална координаторка за климатски промени и контакт лице со UNFCCC и проф. д-р Владо Спиридонов, модератор на тематската седница и член на Советот за безбедност.
д-р Теодора Обрадовиќ-Грнчаровска во своето воведно обраќање насловено како „Институционален статус, тековни активности и Законот за климатска акција“, се осврна на националната легислатива, европското законодавство и реформите од Планот за раст, врзани за климатските промени.
Проф. д-р Владо Спиридонов ги презентираше климатските сценарија 2026-2100 и алгоритмите за предвидување на природните непогоди.
Дебатата се одвиваше во три сесии.
Во првата сесија, насловена „Институционална рамка и законска регулатива за климатски промени, квалитет на воздух и здравствени последици“ говореа: проф. д-р Дејан Мираковски, ректор на Универзитетот „Гоце Делчев“, Анета Стефановска, раководителка на одделение за мониторинг на квалитет на воздух во МЖСПП, прим. д-р Оливер Зафировски, директор на Клиниката за пулмологија и алергологија, проф. д-р Маргарита Гиновска од ФЕИТ и д-р Наташа Марковска, научен советник во ИЦЕОР-МАНУ и контакт лице со IPCC.
Втората сесија се фокусираше на климатските ризици, отпорноста и иновативните мерки за адаптација. Во нејзини рамки дебатираа панелистите: проф. д-р Ивица Милевски од Институтот за географија при ПМФ – Скопје, проф. д-р Никола Николов, декан на Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“, Ана Чоловиќ-Лешоска, извршен директор на Центарот за истражување и информирање за животната средина Еко-свест, Goldman Environmental Prize Winner 2019, м-р Васко Поповски, независен експерт со меѓународно искуство во намалување на ризици од катастрофи, климатска адаптација и отпорност и Борис Секирарски, дипл. инж. метеоролог и иноватор.
На третата тематска сесија, под наслов „Интегрирано управување со води, квалитет на водите, георизици и адаптација на земјоделството“ дискутираа: проф. д-р Иван Блинков од Шумарски факултет, проф. д-р Ордан Чукалиев од Факултет за земјоделски науки и храна, проф. д-р Соња Липиткова од Универзитетот „Гоце Делчев“– Штип, Факултет за прирoдни и технички науки и проф. д-р Катерина Дрогершка од Институтот за сеизмологија.
Во долгата, стручна и плодна дискусија, пропратена со бројни прашања и аргументирани одговори, беа предложени не само низа мерки за превентивно делување, туку и иновативни решенија за адаптација.
Низ темелна опсервација, пропратена со релевантни податоци, компаративни анализи, докази, предвидувања, присутните добија јасна слика за: управувањето со квалитетот на воздухот, влијанието на аерозагадувањето врз здравјето, актуелните истражувања, иновациите и образованието во климатските системи, моделите за управување со климатските екстреми, спречувањето во борбата со пожарите, заштитата на водните ресурси и екосистеми, улогата на геологијата во служба на климатската адаптација, како и влијанието на климатските промени врз сеизмичките ризици.
Конференцијата заврши со предлог заклучоци и препораки, коишто ќе бидат доставени до Советот за безбедност, релевантните институции и јавноста.
Може ќе ве интересира
Занимливости
Жешко време имаме уште од утрово во Македонија. Времето е насекаде ведро и сончево а најтопло во овие моменти е на Скопје Петровец со измерени 25 степени. Немаше некој изразен ветер ова утро во Македонија. На метеоролошката карта можете да ги видите измерените температури ова утро во Македонија. Да напоменам дека температурите забрзано растат во Македонија од час во [...]


by