ДОАЃААТ ОБИЛНИ ВРНЕЖИ И СИЛЕН ВЕТЕР (НАД 90 КМ/ЧАС): Во текот на претстојната ноќ и утре (сабота) претпладне ладен бран од север ќе услови да имаме врнежи од снег!

Под влијание на голем влажен бран од запад и од северозапад, полека од западните предели на Македонија започнуваат врнежи од дожд, кои во текот на денов и вечерва ќе се прошират во најголем дел од државава. Локално особено во западните предели ќе има услови и за ретка појава на грмежи.

Особено обилни врнежи ќе има во западните предели, каде лоаклно ќе наврне над 40 литри дожд на метар квадратен. Сето ова ќе биде проследено со засилен до силен ветер од јужен и од југозападен, а вечерва и од западен правец (повремено и локално со брзина од над 90 км/час). Апелирам, поради силниот ветер, да се избегнува да ги ставате вашите автомобили во близина на дрвјата.

И во Скопскиот регион во текот на денов ќе започнат врнежи од дожд, проследени со повремено силен ветер од јужен и од југоисточен правец.

Поради продор на многу поладен воздух од север, од претстојната ноќ ќе имаме големо заладување на времето, и ветерот својот правец ќе го промени во северен и во северозападен и повторно повремено ќе биде силен на интензитет и во текот на утрешниот ден (сабота) повремено и локално ќе достигнува брзина од над 75 км/час.

Поради заладувањето, во текот на претстојната ноќ и утре претпладне, на повисоките места и на планините врнежите од дожд ќе преминат во врнежи од снег и ќе се формира снежна покривка. Повремен снег во текот на ноќта и утре претпладне ќе има и во пониските места (градовите) во северните  и во западните предели од Македонија.

Што се однесува до температурите, тие денес ќе се искачуваат во интервалот од 6 до 14 степени, додека до утре (сабота) наутро значително ќе опаднат и ќе се спуштаат во интервалот од -5 до 2 степени. Многу постудено преку ден ќе остане и утре (сабота) кога максималната температура ќе се искачува во интервалот само од 1 до 10 степени во најтоплите предели од државава.

Да напоменам дека во Скопскиот регион провејување на снег ќе има на околните планини и во повисоките предели од котлината, и тоа во текот на претстојната ноќ и утре (сабота) наутро, кога не се исклучува можноста по некоја снегулка да провее и во пониските предели од котлината.

Поради разведрувањето, во недела наутро ќе биде многу студено со умерени до јаки мразеви, и тогаш температурите ќе се спуштаат во интервалот од -10 до -1 степен, додека на високите и планинските места тие се очекува да се спуштат и под -10 степени.







Занимливости